Градежен Факултет

ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ, УКИМ ВО СКОПЈЕ – 70 ГОДИНИ УСПЕШНА ПРИКАЗНА

 

Градежниот факултет во Скопје е успешна приказна, која започнува на 6ти октомври во далечната 1949 година, со неговото формирање како еден од двата најстари технички факултети во Република Македонија. Со тоа тој станува еден од неколкуте факултети кои пред 70 години го оформија Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Со отпочнувањето на студиите по градежништво, македонскиот народ ја заокружи својата вековна градителска традиција, подигнувајќи ја на едно повисоко академско ниво. Од самото свое раѓање, Градежниот факултет станува центар за развој на научната мисла и стручната пракса од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката во Македонија.

Приказната за успешноста на своето постоење Градежниот факултет ја потврдува со тоа што станува незаменлив инкубатор на високообразовен кадар, од врвна класа, кој промптно се вклопи во тековните потреби на стопанството, институциите од јавниот сектор и науката, како во Македонија, така и во целиот свет.

Градежниот инженер има знаење, смелост, но и привилегија да создава и да им дава димензија на времето и просторот во кој живее. Од Виа Игнатиа, преку Транссибирската пруга, низ патеките на формула 1, преку тунели и аеродроми, по копно и под вода, со велосипеди или брзи железници, луѓето наоѓаат различни патишта да се поврзат и да си подадат рака. Инженерите кои се школуваат на Градежниот факултет поврзуваат далечни дестинации, ја креираат мобилноста на луѓето и ја олеснуваат комуникацијата помеѓу градовите, регионите, државите, континентите, преминуваат преку планините, го наоѓаат патот под морето. Градежниот инженер знае да се справи со водата, која е извор на животот, создава и разорува. На факултетот се стекнува знаење за користење, заштита и одбрана од површински и подземни води, за проектирање и градење на насипни, бетонски и лачни брани, преливници, водоводи и канализации, регулација на реки, мелиорации, управување со водни ресурси. Овде се даваат основите за стабилноста и опстојувањето на станбени, деловни и индустриски објекти, мостови, стадиони, спортски сали, базени, театри, кина, музеи, аеродроми, вијадукти, водни кули, резервоари, силоси и друго. Со еден збор, студентите на Градежниот факултет се дел од силата која го креира и гради светот!

Затоа, без лажна скромност, Градежниот факултет може да се гордее со своите над 4600 дипломирани инженери, над 450 магистри и 100 доктори на наука, кои со својата стручност се респектирани во нашата земја и надвор од неа. Како потврда на тоа зборува фактот што голем дел од нив направија успешна кариера во многу земји од светот, како во градежниот бизнис, така  и како професори на светски познати универзитети.

Факултетот перманентно врши иновирање на студиските програми и на методите и средствата за изведување на наставниот процес, а во согласност со современите научни достигнувања и развојот на новите технологии. Во 1949 година студиите беа насочени кон образување на општ профил на дипломиран градежен инженер, во 1956 година се воведува насочувањето на конструктивна, хидротехничка и сообраќајна насока, кои со извесни варијации се задржани сè до денес. Во 1978 година се отвoраат студиите по геодезија, кои веќе 30 години успешно просперираат. Во 2005 година беше отворена студиска програма по геотехника. Така, денес, Градежниот факултет нуди студиски програми од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката, од прв, втор и трет циклус на високото образование, кои се во согласност со моделот на Европското високо образование (ЕКТС-систем).

За да ја оствари својата едукативната мисија, ангажиран е врвен наставен кадар, со моментално вработени 41 наставник и 11 соработници, со докажани квалитети на национално и меѓународно ниво.           За да се задржи и унапреди квалитетот на педагошката и научната мисија на факултетот, континуирано се инвестира на усовршување на наставниот кадар преку бројни научноистражувачки проекти, учества на конференции и конгреси. За ова зборува и континуираното објавување на трудови во реномирани списанија, реализација на визитинг професори на други универзитети и учество во бројни проекти за капитални објекти.

Само за илустрација, професорите од факултетот последните 5 години, подготвиле 18 изданија на Универзитетски учебници кај нас и во странство, објавиле над 270 трудови во списанија со импакт фактор или со меѓународен уредувачки одбор и учествувале во над 30 научни проекти.

Факултетот, својот кредибилитет го градеше и со тоа што од 2012 работи на издавање на сопствено списание со меѓународен уредувачки одбор, Scientific Journal for Civil Engineering, кое излегува два пати годишно.

Перманентно, Градежниот факултет остварува плодна соработка на едукативно поле и во научноистражувачката дејност со сродни високообразовни институции од земјата и од странство.  Резултат на тоа се заеднички научно-истражувачки проекти, размена на наставен кадар, постдипломски и докторски студии и  многу други форми на соработка со над 30 факултети и Универзитети во светот.

За успешната мисија на Факултетот сведочи и присуството во стопанството, вградувајќи ги најновите трендови на научната мисла и практичните сознанија во проектите и активностите на фирмите и компаниите од градежниот сектор. Експертите од Факултетот, како проектанти, ревиденти, надзорни органи или консултанти, учествувале во градбата на практично сите капитални објекти во нашата земја.

На крајот, со дигнитет може да се потцрта дека Градежниот факултет при УКИМ во Скопје е несомнено успешна приказна!

Слика 1. Зградата на Градежен факултет
Слика 2. Испитување на градежни материјали во лабораторијата на Градежниот факултет
Слика 3. Градежниот факултет располага со современо опремени училници